Министерството за транспорт и врски денеска објави јавен повик за доставување на барања за доделување субвенција на домашни и странски авиопревозници за периодот 2015-2018 година. Корисникот на финансиската поддршка од државата ќе треба најдоцна до 1 јули 2015 година да започне со оперирање на најмалку четири нови дестинации помеѓу скопскиот аеродром „Александар Велики“ и некој од градовите во континентална Европа, Пиринејскиот полуостров и Скандинавија, како и да воспостави барем една авио линија од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ до некој градовите во континентална Европа.
Како услов за добивање на субвенциите во висина од 5 милиони евра, авиокомпанијата треба да ги пријави оние дестинации што не се опслужувани со редовен превоз од македонските аеродроми во последните две сезони, да лета најмалку два пати неделно кон одбраната дестинација и да воспостави база од најмалку еден воздухоплов на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Финансиската поддршка опфаќа еднократен износ во висина од 40.000 евра за секоја нова дестинација, 13 евра во денарска противредност по патник во заминување во првата година, 12 евра во втората година и 11 евра по патник во заминување што ќе се доделува третата година.
Заинтересираните компании треба да ги достават своите барања најдоцна до 26 декември. Од надлежното министерство соопштуваат дека субвенциите ќе се доделат на оние авиокомпании што ќе понудат најголем број дестинации од и до македонските аеродроми.