Претходна статија
Уште 200 илјади евра за довршување на „Македонско село“
Следна статија
Започна изградбата на големиот крст во Аеродром

Студија за мултимодални транспортни јазли, веќе се работи на терминал

Објавено на 18.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Трубарево, Бунарџик, Јурумлери и Кичево се потенцијалните локации на кои во Македонија би можеле да се изградат мултимодални транспортни јазли. Ова се резултатите од изготвената секторска студија за изводливост и идентификација на стратешки мултимодални транспортни јазли и анализа на трошоците за нивната изградба, изработени во рамките на проект од Оперативната програма за регионален развој, финансирана од ЕУ. Овој документ е прв чекор од изградба на објекти на предвидените локации кои ќе овозможат лесно префрлање на товарот од еден во друг вид на транспорт. Во рамките на проектот е изготвено и софтверско решение за сообраќаен модел за анализа и прогноза на железничкиот и патниот сообраќај во Македонија.

 

Според анализата, Трубарево е најповолна локација за изградба на мултимодален транспортен јазол поради близината на железницата. Приватниот сектор би требало да учествува во неговата изградба, по пат на јавно – приватно партнерство. Јурумлери е втората локација според атрактивноста бидејќи е во близина на автопатот од Коридорот 10, а потоа следи Бунарџик, поради близината на аеродромот и индустриските зони. Последната локација е Кичево, проект кој ќе овозможи транспорт со воз на стоката до градот, а од таму до Драч истата би се превезувала со камиони.

 

Проектот се реализираше во изминативе 18 месеци, а неговата финансиска конструкција изнесуваше 1,1 милиони евра. Македонски железници избра друга локација – постоечката станица Товарна – Скопје, за која веќе неколку месеци студиото „ДОТ Архитекти“ работи на адаптација на мултимодален терминал.

 

Во рамките на денешната презентација немаше ниту збор за постоечките активности на Македонски железници – Инфраструктура во однос на ваквите проекти. Пред неколку месеци ова јавно претпријатие склучи договор за реализација на мултимодален транспортен терминал во рамките на постоечката железничка станица Товарна – Скопје, лоцирана помеѓу населбите Керамидница и Автокоманда. Бирото „ДОТ Архитекти“ од Скопје е избрано да го реализира проектот во текот на наредната година, за што МЖ – Инфраструктура ќе инвестира околу 340 илјади евра. Во овој терминал на едно место ќе се врши царинење на стоката, нејзин претовар и транспорт до одредена локација.