Во рамките на кампањата „Излези за ГТЦ“, студентите од Архитектонскиот факултет во Скопје утре ќе одржат прошетка и предавање низ Градскиот трговски центар. Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ велат дека на настанот е добредојден секој кој сака да дознае повеќе за културните и архитектонските вредности на објектот, неговиот историјат, но и други интересни факти за ГТЦ. Преку прошетка и демонстрација на автентични фотографии и други материјали, студентите ќе го доловат духот и значењето на градителскиот симбол на Скопје и преку интерактивна презентација ќе ја аргументираат важноста од зачувување на автентичноста на неговиот изглед.
Референдумската кампања „Излези за ГТЦ“ стартуваше пред два дена, со која е предвидено граѓаните од скопската општина Центар да се поттикнат за да излезат и да гласаат на референдумското изјаснување. Референдумот ќе се одржи на 26 април и на него граѓаните ќе можат да одговорат на прашање: „Дали сте за зачувување на автентичниот лик на ГТЦ?“.