Претходна статија
Доцни реконструкцијата на Министерството за транспорт и врски
Следна статија
Откуп на земјиштето по едно евро од квадрат за легализираните куќи до 500 метри квадратни

Стоп за натамошното уништување на Парк – шумата Водно

Објавено на 17.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Пешки и со велосипеди, од училиштето „Кочо Рацин“ преку Средно Водно до самиот врв, граѓани и членови на планинарски и еколошки друштва денеска зедоа учество на протестниот марш за спас на Парк – шумата Водно. Како организатори на настанот, групата граѓани побара итно дефинирање на границите на Парк – шумата и нејзино ставање под заштита на државата. Воедно, од Иницијативниот одбор за заштита на омиленото место за рекреација на скопјани бараат да се запре сечењето на дрвјата, но и натамошната изградба на бројни сообраќајници и објекти. Граѓаните се загрижени дека реализацијата на Телекомуникациската кула на врвот на Водно ќе ја отвори и потребата за користење на автомобили од луѓето што ќе одат до овој објект, идентично како што и со изградбата на патот до населбата Сончев град ќе се уништи дел од постоечката шума.

 


* Погрешната политика кон Водно веќе предизвика низа опасни инциденти

 

 

„Парк шумата на Водно постои да го заштити Скопје од загадување на воздухот, од високите температури“, изјави една од иницијаторките на настанот Југослава Дукоска. Покрај реакцијата за изградбата на регионалниот пат Р2138 во должина од 4,4 километри и за Телекомуникациската кула на Водно, со подлабока анализа на архивскиот материјал на медиумските написи може да се дојде до загрижувачки податоци за идна изведба и на други покрупни проекти што би можеле да го уништат биодиверзитетот.

 

Имено, Градот Скопје сака да изгради скијачки центар на падините на Водно, проект што дополнително може да ја зголеми опасноста од уништување на постоечката флора. Во согласност со проектната документација, од врвот на Водно до селото Нерези е предвидена изведба на четири ски – патеки со должина од 3.850 метри и три ски – лифта со вкупна должина од 1.350 метри. За оваа замисла во моментов се изготвуваат физибилити – студии, а веќе имаше и еден обид за пронаоѓање приватен партнер за негова реализација.

 

Покрај бројните дивоградби што се изградени на подножјето на планината, не смее да се заборави ниту идејата за остварување на Јужната скопска обиколница, чии коловозни ленти би требало да минуваат долж целиот потег на Долно Водно. Оваа траса е вклучена и во најновиот Генерален урбанистички план на Град Скопје за периодот 2012 – 2022 година, со што се остава простор за нејзина изведба во натамошниот период. Територијата на Водно е прогласена за Парк шума во 1976 година, а со неа од 1988 година управува Ј.П. Паркови и зеленило. Таа се протега на површина од 4.573 хектари, од кои природните шуми зафаќаат површина од 1.410 хектари. Богатата флора на Парк – шумата Водно се состои од 1.010 вида.

 

 

» Форумска дискусија за Парк – шумата Водно