МЕПСО денеска ги стави под напон новоизградените осум километри од 110 киловолниот далновод Вруток – Полог – Тетово, со што градот Тетово и неговата околина добија посигурна енергетска врска со ТЕ „Осломеј“ и ХЕ „Вруток“, а со тоа се очекува да се надминат и хроничните проблеми при снабдувањето со електрична енергија на тетовскиот регион. Градежните работи на проектот ги изведуваше „ЕМО“ од Охрид. Досега МЕПСО реализираше и стави во функција 16 километри нов далновод на истата траса на која минува стариот 110 киловолтен далновод изграден пред 60-тина години. Новоизградениот дел од далноводот веќе е целосно оперативен и поврзан преку постоен вод со трансформаторската станица „Тетово 1“. Со ставањето во функција на двата системи на овој далновод се очекува долгорочно да се подобри доверливоста на системот и напонските прилики, со што ќе се намалат и загубите на електрична енергија на преносната мрежа. До средината на 2013 година е планирано целосно завршување на последните 38 столбни места од третата секција. Вкупната инвестициска тежина на проектот изнесува три милиони евра.