Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) го пушти во употреба вториот 110 киловолтен систем што ги поврзува трансформаторските станици „Битола 2“ и „Битола 3“, со што е обезбедено двосистемско далноводно поврзување меѓу двете најважни трансформаторски станици во битолскиот регион. Според денешното соопштение од МЕПСО, со новата инвестиција вредна 300.000 евра двојно е зголемена сигурноста во снабдувањето на трансформаторската станица „Битола 3“ како главен снабдувач на електрична енергија на градот Битола. Новиот систем е поставен на постоечкиот далновод во должина од 13 километри, а за негово поврзување државната компанија изгради две далноводни полиња, по едно во двете трансформаторски станици, и инсталираше нова примарна и секундарна опрема за ставање под напон на новиот 110 киловолтен систем.
На веќе изградениот далновод ќе се поврзе и новиот двосистемски вод што ќе ги поврзува трансформаторските станици „Битола 3“ и „Битола 4“, тековна инвестиција во која МЕПСО вложува околу 2,5 милиони евра. Со нејзината реализација ќе се овозможи максимална доверливост на системот и сигурност во снабдувањето со електрична енергија заради тоа што во прстен ќе бидат поврзани сите трансформаторски станици во битолскиот регион.