Започна реконструкцијата на Стариот театар во Струмица. Уништениот објект што изгоре во пожар пред 13 години комплетно ќе се санира, вклучувајќи го статичкото засилување на неговата конструкција и реставрацијата на препознатливиот изглед на ова здание од центарот на Струмица. На денешното поставување на камен – темелникот присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. „Комплетно ќе биде обновен екстериерот и ентериерот на стариот театар. Ќе бидат реконструирани и дел од оригиналните орнаменти на објектот при што ќе бидат користени стручните сугестии на авторот Цане Јанкуловски“, изјави министерката Канческа Милевска.
Според зборовите на премиерот Никола Груевски, за реконструкцијата на Стариот театар во Струмица ќе се издвојат финансиски средства во висина од 220 милиони денари од државниот буџет. Неодамнешниот тендер за избор на изведувач на градежните работи го доби „МАКАУС Благоја“. Проектната документација за санацијата на културниот објект е изготвена од страна на бирото „Проконтрол“ од Белград. Рокот за реализација на овој проект е 18 месеци. Стариот театар во Струмица е изграден во 1949 година, а истиот беше уништен до темел во големиот пожар во 2001 година.