Претходна статија
Објавена содржината на спогодбата за „Јужен поток“
Следна статија
Отворена новата меѓуградска автобуска станица во Гевгелија

Становите продолжуваат да поефтинуваат, цената на канцеларискиот простор стабилна

Објавено на 31.07.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Консултантите од „Фортон Македонија“ ги резимираа движењата на пазарот на недвижности во Скопје за првата половина од годинава. Според податоците на „Фортон“ во овој период бројот на нови завршени станови бележи раст од 90% во однос на втората половина од 2012 година. Наспроти тоа при споредба на истите периоди бројот на станови во изградба бележи пад од 22%. Од становите во изградба 71% се планира да бидат завршени во текот на годинава. Падот на цената на станбениот квадрат во главниот град е тренд кој продолжува – просечната цена изминатото полугодие е намалена за 4,9%, додека на годишно ниво падот изнесува дури 13,8%.

 

Во текот на првите шест месеци од годинава станбените капацитети имале во просек 43% слободни, односно не-продадени станови во моментот на пуштање во употреба (издаден имотен лист). Купувачите од внатрешноста на Македонија генерално се заинтересирани за купување на станови во централното градско подрачје, додека купувачите од Скопје сè повеќе претпочитаат да купуваат станови во организирани резиденцијални комплекси надвор од централното градско подрачје.

 

Расне искористеноста на канцеларискиот простор од А класа, односно слободниот простор (не-изнајмен или не-продаден) од ваков вид во споредба со втората половина од минатата година забележал намалување за 4%, со што моментално изнесува 10,6% од расположливите капацитети. Исполнетоста на Б класа деловниот простор генерално останала стабилна. По регистрираниот пад на цените кај А класата во 2012 година, во текот на правата половина од 2013 година истите останале непроменети.

 

Вкупната понуда на малопродажен простор во првото полугодие од 2013 година останала непроменета. Слободниот малопрожен простор во постоечките трговски центри и централните пешачки зони изнесува 16%. Закупнините за најатрактивниот простор во Скопје се движат околу 40 евра за m2 на месечно ниво (се однесува на капацитети од 100 до 150 m2). Просечната месечна закупнина во на улицата Македонија е околу 30 евра за m2. Закупнините за централните пешачки зони во Скопје генерално се пониски во однос на соседните главни градови како Белград, Софија и Тирана, но спротивно на тоа се повисоки во трговските центри.

 

„DoubleTree by Hilton“ во скопската општина АеродромПазарот на хотели не доживеа позначајни промени во текот на првите шест месеци од годинава, односно отворање на нови или менување на сопственост на хотели од висока категорија (4 и 5 звезди). Во Скопје има 11 хотели од висока категорија кои имаат вкупно 670 соби. Споредено со главните европски градови, каде што просечната исполнетост на капацитетите е 69,8%, скопските хотели имаат пониска просечна исполнетост која изнесува 45%. Во 2012 година регистрирано е зголемување на бројот на ноќевања во Скопје за 4,7%, при што приближно 90% од ноќевањата се направени од странски туристи. Цената на хотелите од висока категорија се движи од €65 до €157 по ноќевање. Споредено со цените во главните европски градови цената хотелите со 4 и 5 звезди во Скопје е повисока, што ја отсликува ниската конкуренција на пазарот. Во моментов во градот се градат два нови хотели од висока категорија, „Marriott“ на плоштадот „Македонија“ и „DoubleTree by Hilton“ во општината Аеродром, кои до 2016 година треба да ја зголемат понудата со дополнителни 341 соба.

 

 

» Форумска дискусија за бизнисот со недвижности во Македонија