Претходна статија
Градежниот факултет одбележува 65 години од своето постоење
Следна статија
До топол дом со добра изолација

Станарите од улица „Македонија“ сакаат енергетско ефикасни, а не барокни фасади

Објавено на 06.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска оствари средба со дел од станарите кои живеат на улицата „Македонија“ во строгиот центар на Скопје. Состанокот со граѓаните е организиран по отвореното негодување на оние станари кои не ги прифаќаат проектите за изведба на барокни фасади што им ги нуди Градот Скопје. Првиот човек на општината изрази подготвеност за реконструикција на фасадите, и тоа според проектот за имплементирање на мерките за енергетска ефикасност на постарите згради.

 

Жителите од зградата бр.16 на ул. „Македонија“ не сакаат барокна фасада од предната странаПредната фасада на зградата бр.16 на ул. „Македонија“, како што би изгледала според проектот на Град Скопје

 

 

„Доколку ние го реализираме ова, тоа ќе биде како и во сите други згради кои добија енергетски ефикасни фасади, а тоа е реконструкција од сите четири страни, а не како што нуди Град Скопје – само на предниот дел. И тука ќе го задржиме автентичниот изглед на зградата, а мотив повеќе за ова е фактот дека овој дел до пред извесно време бил споменична целина“, изјави Жерновски. Граѓаните ќе треба да достават барање за санација на надворешниот изглед на нивната зграда, по што Општината ќе ја соопшти неопходната сума што ќе треба да се одвои за оваа намена.

 

Еден од жителите кои живеат на улица „Македонија“, Владимир Вангелов вели дека она што тие го бараат е енергетски ефикасна фасада. Тој истакна дека не се задоволни од разговорот со градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, бидејќи Градот Скопје им нуди промена само од предната фасада на зградата. „Промената само на предната страна на фасадата нам ништо не ни значи“, вели Вангелов. За проблемите со кои се соочуваат станарите од неколку згради што се лоцирани во центарот на Скопје веќе пишуваше и „Билд“. При изведбата на новиот надворешен изглед на објектите на улиците „Македонија“, „Никола Вапцаров“ и на „Димитрија Чуповски“, Градот Скопје ги обновува единствено предните страни.

 

Градот Скопје денеска излезе и со сопствена реакција на оваа тема. „Градот Скопје сака да нагласи дека проектот за реконструкција на фасадите во централното градско подрачје е почнат пред неколку години кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ. Уште на почетокот од овој проект беше договорено Градот Скопје да го обнови предниот дел на фасадите, а Општината Центар да ја обнови задната страна. Особено сакаме да го потсетиме градоначалникот Жерновски, Општината Центар и да нагласиме пред јавноста дека сите фасади кои ги реконструира Градот Скопје се енергетски ефикасни и ги задоволуваат стандардите за енергетска ефикасност“, се нагласува во соопштението на градската власт.