Претходна статија
И во Кавадарци ќе се субвенционира купувањето нов велосипед
Следна статија
Нов систем за наводнување ќе се гради во Ранковце

Спортската сала во Куманово ќе се реконструира

Објавено на 03.05.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Спортската сала во Куманово наскоро ќе се реконструира. Општина Куманово распиша оглас за избор на проектантско биро што ќе го изработи основниот проект за добивање на дозвола за реконструкција на најголемото спортско здание во градот. Локалните власти се одлучија на овој чекор поради лошата состојба во која што се наоѓа објектот во овој момент. Во спортската сала не се користат системите за греење и вентилација, а не постои ниту систем за ладење во летниот период. Фасадата и кровот не ги задоволуваат стандардите за енергетска ефикасност. Кровната конструкција на објектот протекува, со што се оштетуваат подовите и ѕидовите на спортската сала.

 

*Извор на фотографии: marh.mk

 

Локалната самоуправа од Куманово планира да ги санира фасадата и покривот на објектот за да се задоволат мерките за енергетска ефикасност. Воедно, со претстојниот градежен зафат е предвидена замена на внатрешната столарија, адаптација на дел од просториите во објектот, замена на електричните, водоводните, и канализационите инсталации, замена на хидрантската мрежа и обнова на санитарните јазли. Спортската сала во Куманово во иднина би го користела природниот гас како енергенс, додека во објектот е планирано да се обезбеди и санитарна топла вода. По изведбата на темелната реконструкција на спортското здание, општинските власти ќе вложат средства во партерно уредување на околниот простор и во реконструкција на пристапната сообраќајница.

 

Општина Куманово со избраното проектантско биро ќе склучи договор за изработка на основниот проект со времетраење од 12 месеци. Најповолниот понудувач ќе добие рок од 80 дена за да ја изготви неопходната документација по давањето налог за работа од локалните власти. Заинтересираните субјекти за изготвување на основниот проект имаат можност да ги достават своите понуди најдоцна до 22 мај. Главен критериум за избор на проектантското биро е доставената најниска цена. Темелната реконструкција на спортската сала ќе следува по комплетирањето на проектната документација.

 

Универзалната спортска сала во Куманово е проектирана од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски во 1979 година. Ова здание ја има добиено Големата награда на Биеналето на Македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година. Спортската сала е пуштена во употреба во 80-тите години на минатиот век и има капацитет за да прими од 2.106 до 4.150 гледачи.