Вчера во Прилеп, во пресрет на празникот на градот – Свети Никола, беше поставен камен темелник за споменикот на загинатите бранители кај Карпалак. Споменикот ќе се извиши во средината на новиот кружен тек чија изградба привршува, на вкрстувањето помеѓу улицата „Васко Карангелески“, булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Јоска Јорданоски“. Спомен обележјето ќе биде високо околу 30 метри, ќе има 10 столбови кои ќе ги симболизираат 10-те загинати бранители, и на врвот топка од плексиглас со пречник од 3,5 метри. Осветлувањето ќе биде во два дела, статично и динамично. Статично ќе бидат осветлени столбовите, додека осветлувањето на топката ќе биде пулсирачко. Во рамки на проектот ќе биде изведена и фонтана, како и прикладно партерно уредување. Финансиите во висина од околу еден милион евра во најголем дел се обезбедени од страна на Владата на Република Македонија, а изведувач е прилепската фирма „Теракота“. Претходно од Општина Прилеп во спомен на загинатите бранители најавуваа 40 метарска панорамска кула во склоп на која требаше да функционираат продавници, ресторани и галерии.
Форумска дискусија за овој проект » овде