Претходна статија
Споменик за Карпалак кај новиот кружен тек во Прилеп
Следна статија
ОСВРТ: Транспортно ѓубре крстосува по македонските патишта

Камен темелник за „Skopje City Mall“

Објавено на 20.12.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во втората половина на 2012 во Скопје ќе профункционира нов трговски центар, вреден 80 милиони евра. Ова беше соопштено при вчерашното поставување на камен темелник за „Skopje City Mall“, заедничка инвестиција на македонската „Fashion Group“ и „Balfin Group“ од Албанија, а поддржана од Европската банка за обнова и развој. Локацијата е во општина Карпош, кај спортската сала „Партизан“.


Трговскиот центар се гради на основа од 22.800 метри квадратни и ќе има едно подземно и три надземни нивоа, а висината до венец ќе биде 18 метри. Вкупната површина на објектот (GBA) ќе изнесува 90.000 метри квадратни, од кои 38.000 метри квадратни се предвидени за продажен простор. Централниот дел ќе го оформуваат 150 продавници и два импозантни ходници кои ќе креираат кружно движење на посетителите. Во дел од објектот ќе има катна гаража, а во рамки на парцелата се предвидени вкупно 1.300 паркинг места. Трговскиот центар ќе вработува околу 2.000 луѓе.


Проектот за „Skopje City Mall“ е изработен од страна на тексашката „Laguarda.Low Architects“ и домашната „ДСЦ Дизајн“. Главен изведувач е „Торус Инженеринг“. Во улога на консултант, надзор и проект менаџмент фигурира српската фирма „CRE Construction & Consulting“. Во текот на изградбата се очекува да се создадат околу 1.000 работни места, а ќе се користат воглавно македонски градежни фирми. Општина Карпош од комуналии ќе заработи приближно 2,5 милиони евра, од кои 750 илјади се веќе уплатени, додека останатите ќе бидат отплаќани на 11 рати.


Камен темелник за трговскиот центар првично беше најавен на 1 март годинава. Во меѓувреме сепак се работеше на терен и подготвителните работи се при крај, а Град Скопје го дислоцира и буичниот канал кој поминуваше низ парцелата. Раководителите на градилиштето очекуваат од средината на наредниот месец да започнат со силно градежно темпо и карабината да биде готова до крајот на 2011. Непосредно до „Skopje City Mall“ од северната страна инвеститорот планира да изгради голем објект за домување на основа од 9.500 метри квадратни и со висина од 58,4 метри. Деталниот урбанистички план предвидува и изградба на црква со основа од 400 метри квадратни, веднаш до трговскиот центар, на аголот на булеварот Партизански одреди и улицата Љубљанска.


Атрактивното земјиште во околината на спортската сала „Партизан“ е актуелно уште од 2005 кога француски инвеститори сакаа да градат голем повеќенаменски комплекс под името „Александрија“. Потоа во игра за изградба на трговски центар влезе и српската „Делта“, но ниту тој план не се реализираше.


Раководителите на градилиштето, од Торус Инженеринг##

###

###