Претходна статија
Архитект Миодраг Радоњиќ - Бато добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2018 година
Следна статија
Догодина ќе се крои проект и за нов ТИРЗ во Охрид

„СПИМ Студио“ победници на Конкурсот за доградба на прилепскиот Дом на културата

Објавено на 24.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Архитектите Синиша Павловски и Илија Мирчески од „СПИМ Студио“ се победници на неодамнешниот Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција, доградба и пренамена на дел од прилепскиот дом на културата „Марко Цепенков“, јавува „Марх.мк“. Авторите од ова студио се стекнаа со првата архитектонска награда во износ од 100.000 денари, но и можност со својот авторски труд да придонесат во унапредувањето на урбаниот пејсаж во строгиот центар на Прилеп.

 

 

Преуредувањето и доградбата на домот на културата „Марко Цепенков“ треба да овозможи обезбедување на две театарски сали за прилепскиот театар. Големата театарска сала ќе има капацитет од 350 до 400 седишта, додека малата сала би можела да прими до 90 гледачи. Целокупниот нов објект би опфатил површина од околу 3.800 метри квадратни, колку што и требаше да се испроектираат во рамките на овој архитектонски конкурс. Воедно, архитектите во своите конкурсни трудови обезбедија решение за паркингот и влезовите во идната зграда на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.

 

Театарскиот ансамбл во Прилеп во моментов нема сопствен објект каде би можел да ги одигрува своите претстави. Општина Прилеп во јули годинава го распиша првичниот архитектонски конкурс за избор на идејно решение, но истиот беше поништен. Вториот по ред конкурс беше организиран кон крајот на септември.