Референдумската кампања „Излези за ГТЦ“ за изјаснување на граѓаните на општина Центар почнува утре. Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ ги покануваат сите заинтересирани учествуваат на музичкиот хепенинг што ќе се одржи во текот на утрешниот ден во паркот Жена Борец, со почеток од 20 часот. На настанот ќе настапат Ана Костовска и Симон Киселички, The John, Џака Накот и Bon Praskiza & Donplaya. Со свои пораки за претстојниот референдум за зачувување на автентичниот лик на ГТЦ ќе се обратат претставници од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и граѓански активисти.
Граѓаните што ќе присуствуваат на утрешниот музички хепенинг ќе можат да се информираат за претстојниот референдум, но и да дознаат како може да придонесат во зачувување на постоечкиот изглед на Градскиот трговски центар. Во рамки на референдумската кампања „Излези за ГТЦ“ ќе се организираат серија на активности и настани во наредните три недели. Референдумот ќе се одржи на 26 април, а на него може да учествуваат сите жители на општина Центар кои се запишани во Избирачкиот список.
Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ се спротивставуваат на најавената реконструкција и надградба на архитектонскиот симбол во центарот на Скопје. Раководството на ГТЦ го избра „барокното“ идејно решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, со кое се предвидува целосно затворање на трговскиот центар, изведба на „барокна“ фасада, антички столбови и скулптури на покривот. Изворот на финансирање на овој милионски проект засега останува непознат.