Царинската управа преку Проектот за користење на средства од Програмата ИПА за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2014-2020, ќе го модернизира граничниот премин „Богородица“. Со проектот вреден 442.500 евра е предвидено до 2023 година да се извршат повеќе инфраструктурни зафати на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“. Договорот за започнување на проектот беше потпишан на почетокот од април годинава и со него ќе се овозможи создавање на современи услови за давање на поквалитетни услуги и олеснување и забрзување на движењето на стоките и на граѓаните.
Надградбата на објектите ќе ја зголеми пропусната моќ на преминот за стокови пратки, ќе го намали времето потребно за вршење на граничните формалности и ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција. Европската Унија во континуитет ѝ помага на нашата земја при модернизацијата на граничните премини. Пред четири години, со европски пари беше извршена реконструкција на управната зграда и придружните објекти на граничниот премин „Богородица“ кај Гевгелија.