Министерството за здравство ја избра фирмата „Конструктор Рената и др.“ од Скопје како изведувач на претстојната санација и доградба на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. За познатиот објект лоциран спроти Собранието на Р.М. се издвоени финансиски средства од 147,5 милиони денари, односно 2,4 милиони евра. Според податоците објавени на од Бирото за јавни набавки, градежните работи ќе се изведуваат во период од 24 месеци.
Со претстојниот градежен зафат треба да бидат опфатени внатрешните простории на болницата, вклучувајќи го оперативниот блок, одделот за интензивна нега, просторот за реанимација на пациентите, покривната конструкција, болничките соби и влезот за Итната медицинска помош. Со проектот е предвидено да се догради асептична операциона сала. За овој проект на Министерството на здравство досега беа организирани два тендери, кои го развлекоа планираниот реконструктивен зафат речиси една година. На последниот тендер биле доставени понуди од пет градежни компании.
Објектот на Градската болница во Скопје претставува еден од првите примероци на модерната архитектура што се издигнале на тлото на нашата земја. Проектот за овој објект го изработил познатиот хрватски архитект Драго Иблер и истиот е реализиран во 1929 година. Зданието е прогласено за споменик на културата и е вметнато во Регистарот на културно наследство на Македонија.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk