Претходна статија
Нови 1.591 станови започнале да се градат во текот на октомври
Следна статија
Линданот од „ОХИС“ ќе се расчистува со помош на Норвешка и Обединетите нации

Со 1,12 милиони евра ќе се модернизира трансформаторската станица во Прилеп

Објавено на 12.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Прилеп и неговата околина ќе добијат стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија во наредните 20 години со модернизацијата на трансформаторската станица „Прилеп 1“ во која МЕПСО вложува 1,12 милиони евра. По тој повод, директорот на МЕПСО Сашо Василевски го потпиша договорот за реализација на проектот со Бранислав Лековиќ, претставник на конзорциумот изведувачи „Кончар КЕТ“ од Хрватска и домашната компанија „Елтек“. Модернизацијата на трафостаницата вклучува промена со нова на високонапонската опрема што е во функција 40 години.

 

*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски

 

Станува збор за вградување на нови прекинувачи, разделници и мерни трансформатори, нова опрема за контрола и управување со трафостаницата, нови системи за мерење електрична енергија и нов систем за релејна заштита. Директорот на МЕПСО Василевски истакна дека Прилеп со овој проект ќе добие сигурно и стабилно снабдување со квалитетна електрична енергија во наредните 20 години. Тој додаде дека во Пелагонискиот регион ќе вложат 6 милиони евра во три значајни проекти, меѓу кои е и изградбата на нов далекувод меѓу трафостаниците во Битола и Прилеп.

 

Модернизацијата на трансформаторската станица „Прилеп 1“, заедно со изградбата на идниот далекувод што ќе ги поврзува Прилеп и Битола, ќе се реализираат за временски период од година и половина. ТС „Прилеп 1“ претставува централна напојна точка за регионот на северна Пелагонија и регионот на Мариово.