Претходна статија
Електричните автомобили наскоро ќе можат да се возат и во Скопје
Следна статија
На „Гранит“ му се намалила, на „Бетон“ му пораснала ланската добивка

Словенечки „Турбоинститут“ ќе гради пет мали хидроелектрани во општина Кавадарци

Објавено на 01.03.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На хидросистемот „Бошава“ ќе се подигнат пет мали хидроелектрани со инсталиран капацитет од 10,9 мегавати, кои се очекува на годишно ниво да произведуваат 32 гигават часови електрична енергија. Проектот ќе се реализира преку применување на моделот на јавно – приватно партнерство помеѓу претпријатието Водостопанство „Тиквеш“ и словенечката компанија „Турбоинститут“ од Љубљана, која ќе ги изведе енергетските објекти преку македонската фирма – ќерка „Хидро Бошава“. Вкупната инвестиција изнесува 13,5 милиони евра и со неа е предвидено да се реконструира и дел од водоводниот систем „Бошава“. Покрај производството на електрична енергија преку искористувањето на водите од системот, планирано е со зафатот да се обезбедат неопходните количини на вода за пиење и вода за наводнување.

 

Локалната власт од Кавадарци денес му ја врачи градежната дозвола за изградба на петте мали хидроелектрани на словенечкиот инвеститор, а во претстојниот период ќе започнат и изведбените активности на терен. Плановите на  компанијата од Љубљана предвидуваат до крајот на 2013 година да се спроведе на дело целокупниот проект. Договорот за јавно – приватно партнерство за подигнување на овие енергетски објекти беше потпишан во мај минатата година. Компанијата „Турбоинститут“ е основана во 1948 година како специјализиран центар за развој на хидраулични машини и досега има реализирано преку 400 мали хидроелектрани во бројни земји во светот.