Претходна статија
Равенка со многу непознати е новиот „барокен“ објект на АДСДП
Следна статија
Отворена новата катна гаража „Тодор Александров“

Скопското кале полека умира со недоизградените музеи

Објавено на 07.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државната власт ги заборави најавените три музеи на Скопското кале. Веќе една година не се изведуваат работи за довршување на Музеите на праисторискиот, средновековниот и отоманскиот период. Ситуацијата на терен покажува дека изграденоста на објектите е идентична како пред една година. Во градежниот дел, целосно завршени се Музеите на праисторискиот и отоманскиот период, но артефакти во овие објекти во моментов нема. Истовремено, најавениот Музеј на средновековниот период е оставен на ниво на карабина, додека целиот околен простор е ограден и недостапен за посетителите на калето.

 

####

 

 

Изградбата на трите музеи на Скопското кале го чинеше државниот буџет над 1,1 милиони евра. Сите активности за пуштање во употреба на објектите требаше да завршат до крајот на минатата година, но дадениот рок не е испочитуван. И додека на неодредено време продолжува изведбата на градежните работи, голем дел од просторот на калето е заграден, некогашниот ресторан е затворен, а сите клупи и корпи за отпадоци се отстранети. Отсуствуваат и содржини (информативни табли и сл.) што можат да им ја објаснат на посетителите важноста на овој локалитет.

 

На Скопското кале ја нема ниту отворената сцена, на која граѓаните во текот на летните месеци уживаа во театарски претстави и концерти поблиску до ѕвездите. На локалитетот не се поставени патокази, па така туристите мака мачат да стигнат до некоја од кулите, од каде може да се фрли панорамски поглед на главниот град. На просторот не можат да се купат сувенири, а посетителите не можат да се снадбат ниту со вода и останати пијалоци.

 

Наспроти ваквата очајна состојба во која се наоѓа градската тврдина, Управата за заштита на културното наследство ветуваше дека ова парче од стариот дел на Скопје ќе прерасне во примамливо место за граѓаните. Вредните артефакти од археолошките истражувања на локалитетот беше замислено да се сместат во трите музеи, кои требаше да им понудат на посетителите продавници за сувенири и едукативен простор. Институциите ветуваа ново хортикултурно уредување на просторот и урбана опрема, но од сето тоа засега нема никаква реализација на терен.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk