Градот Скопје го објави огласот за пронаоѓање изведувач за изработка на енергетско ефикасни фасади со визуелизација на средните училишта „Цветан Димов“ и „Марија Кири Склодовска“. За реализација на овој реконструктивен зафат е проценето дека ќе се издвојат околу 46 милиони денари од градскиот буџет. Заинтересираните компании имаат рок до 21 мај за да ги достават понудите за учество во тендерската постапка, при што доставената најниска цена ќе биде главен критериум за избор на најповолниот понудувач. Избраните изведувачи ќе имаат рок од 60 дена по воведувањето во работа за да ги изведат енергетско ефикасните фасади на двата објекта.
На зградата на средното училиште „Цветан Димов“ е предвидено да се изведе фасаден систем со алуминиумски композитни панели, поставени на алуминиумска подконструкција и изолација од камена волна. Познатата стаклена фасада на училиштето „Марија Кири Склодовска“ ќе се менува со нова енергетски ефикасна структурално стаклена фасада. Основните проекти за претстојните реконструктивни зафати ги изработи „СЕИЗМИК ДИЗАЈН“ од Скопје, додека ревизијата на документацијата ја изврши „Д.О.О.Е.Л КОНСТРУКТОР“ од Скопје.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk