Дотраените прозорци, оштетената фасада и прокиснувањето од покривот се минато за скопската гимназија „Јосип Броз Тито“. Со финансиски средства од UNDP и од буџетот на Град Скопје, целосно е реконструиран покривот на средношколската установа и е изведена нова термичка фасада. Со реализираната инвестиција ќе се намали потрошувачката на енергија за 30%, со што ќе опаднат и издатоците за топлинска енергија наменети за загревање на просториите. При денешната промоција на проектот, скопскиот градоначалник Коце Трајановски истакна дека Градот Скопје планира да ги реновира и останатите средни училишта во главниот град, по теркот на гимназијата „Јосип Броз Тито“.
* Извор на фотографија: Град Скопје
Во проектот беа вложени 3.905.717 денари, од кои Град Скопје учествуваше со сопствени средства во висина од 2.331.300 денари. Со изведбата на новата фасада целосно се санираа и деформациите на надворешните бетонски површини на објектот. За спроведување на мерките за енергетска ефикасност се поставија и нови прозорци во сите простории на училиштето. Со реконструктивниот зафат зачуван е изворниот надворешен изглед на овој објект од централното градско подрачје.