Претходна статија
Промоција на почетната студија за домување на Ромите во Општина Чаир
Следна статија
Изложбен центар за електрична енергија отворен во Матка

Скопска Топаана бара нормални услови за живот

Објавено на 10.05.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Жителите на скопската населба Топаана бараат нормални услови за живот. Врз основа на анкетата спроведена кај 736 домаќинства од овој дел на Скопје, дури 33% од домаќинствата имаат тоалет надвор од нивните куќи, додека 32% од жителите користат бања што се наоѓа надвор од нивниот дом. Според податоците собрани од анкетното истражување, најголем дел од жителите на Топаана имаат домови кои се во постапка за легализација, додека 2% од нив воопшто немаат свој дом. Посочувањата на граѓаните за проблемите со кои се соочува Топаана се вклучени во изработената Почетна студија за домување на Ромите во Општина Чаир.

 

 

Анкетираните лица се пожалиле на недостиг на одржување на хигиената во населбата, но и на недоградена инфраструктура. Иако се лоцирани на еден и пол километар од центарот на Скопје, сите граѓани немаат приклучок на канализационата мрежа и истата е неплански изградена со самопридонес од населението. Атмосферска канализација не постои, па така одведувањето на овие води е преку отворени атмосферски канали. За бројните проблеми со кои се соочуваат жителите на ова населено место се свесни и од Хабитат Македонија, кои го имплементираат овој проект.

 

„Оваа Почетна студија за домување преку теренското истражување и вклучувањето на локалната заедница во самата подготовка на студијата ги потенцира приоритетите за одржлив урбан развој на ромската населба Топаана во Чаир“ вели Александра Савевска, координатор на проектот. Заедно со анкетното истражување, при подготовката на Почетната студија направени се серија средби со граѓани и одговорни лица во Општина Чаир и надлежните институции. Во таа насока, изработената студија треба да послужи за утврдување на приоритетните проблеми во локалната средина, за мобилизација на граѓаните за вклучување во процесите на одлучување на локално ниво, но и за поголемо ангажирање на локалните власти.

 

Почетната студија за домување кај Ромите во Општина Чаир денеска беше промовирана во просториите на оваа локална самоуправа. Изработениот документ е дел од проектот „Правата на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“, кој е финансиран од Европската Унија. Проектот го имплементира Хабитат Македонија во соработка со РОМА С.О.С од Прилеп, Черења од Штип и Сумнал од Скопје.