Претходна статија
Градската болница ќе добие нов објект на местото на Мајчин дом во Аеродром
Следна статија
Општина Чаир бара идејно решение за изградба на нова градинка

„Скопје Ист Гејт“ претставен пред македонските политичари

Објавено на 01.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Албанската групација „Балфин“ пред македонските политичари го претстави проектот „Скопје Ист Гејт“ којшто треба да се гради на местото на Скопскиот саем. Пред македонскиот премиер Зоран Заев и претседателите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ Али Ахмети и Христијан Мицковски беше презентиран идниот комплекс од трговски центар, деловни зданија и станбени згради. Проектот „Скопје Ист Гејт“ ќе се гради на парцела со површина од 155.000 метри квадратни, вклучувајќи ја и локацијата на која во моментов се наоѓа Скопскиот саем. За рушењето на оваа препознатлива градба од втората половина на минатиот век, не беше кажан ниту еден збор на вчерашната промоција на „Скопје Ист Гејт“.

 

Автор на проектот за овој иден комплекс е турското архитектонско студио Yazgan Design Architecture Inc. „Скопје Ист Гејт“ би вклучил изградба на трговски центар со нето површина од 51.000 метри квадратни и пет деловни објекти со канцелариски простор од 67.000 метри квадратни. Зградите за домување ќе се состојат од 1.600 станбени единици, додека во рамки на самиот комплекс е предвидено да се изгради паркинг со капацитет од над 2.000 возила. Овој мултифункционален комплекс би имал свои зелени површини од 25.000 метри квадратни. Целокупната инвестиција од 350 милиони евра би се реализирала во период од пет до седум години.

 

Проектот „Скопје Ист Гејт“ за прв пат беше промовиран пред македонската јавност во есента 2017 година. Она што со сигурност се знае за овој комплекс е дека неговата изградба ќе значи рушење на Скопскиот саем, со што македонската метропола ќе остане без достојно место за одржување на саемски манифестации. Пред два месеци, група на македонски архитекти и интелектуалци ја формираа иницијативата „И Саем е Скопје“, со која што бараат од идниот инвеститор да го спречи рушењето на постојните објекти од Скопскиот саем и да ги интегрира просторно и функционално овие зданија во идниот повеќенаменски комплекс.

 

»Форумска дискусија за овој проект