Градот Скопје се одлучи на предновогодишната вечер да распише архитектонски Конкурс за нови фасади на неколку постоечки објекти во центарот на Скопје. Во „барок“ стил е планирано да се менуваат фасадите на објектот на Стопанска банка во склоп на Градскиот трговски центар, како и сите оние зданија лоцирани околу новоизградениот плоштад „Мајка Тереза“, со исклучок на објектот на Македонска опера и балет. Архитектонскиот стил на „Скопје 2014“ треба да се прошири на постоечкиот објект на музичкото училиште „Илија Николовски – Луј“ и на Факултетот за музичка уметност, палатата АСНОМ (вклучувајќи ги двете некогашни згради на Комерцијална банка), хотелот „Стоун Бриџ“ и останатите објекти што се наоѓаат помеѓу плоштадите „Мајка Тереза“ и „Филип Втори“.
Конкурсот опфаќа вкупно шест објекти. Како и досега, официјалното објаснување на градските власти е дека ќе се врши „реконструкција на фасадите на постојни објекти во централното градско подрачје“. Од архитектите се бара да исполнат неколку критериуми при оформувањето на идејните решенија, и тоа: целосно почитување на програмските барања, изводливост и одржливост, инвентивност во пристапот на обликување, економичност на решението и задоволување на сите прописи и нормативни акти за проектирање и реконструкција на фасади.
Плановите и проектите треба да се достават најдоцна до 5 февруари. Жири – комисијата за избор на најдобрите идејни решенија не е објавена пред македонската јавност. До денес Градот Скопје нема излезено ниту со информација од кои причини е неопходно да се менуваат фасадите на шесте објекти. Она што се знае е дека оние автори што ќе победат на архитектонскиот Конкурс ќе поделат шест награди со вкупна вредност од 660.000 денари, изразено како нето износ.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk