Претходна статија
Етно-селото во Нерези отворено за посетители
Следна статија
До октомври ќе се заврши новото шеталиште во Охрид

„Скопје 2014“ менува фасади на објекти без согласност на авторот

Објавено на 23.06.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во моментот кога македонските власти и Градот Скопје секојдневно реагираат на боењето на „барокните“ згради и на новите споменици во центарот на Скопје, на идентичната локација си тече процес на менување на фасадите на архитектонски признати објекти, без согласност на авторот кој го изработил оригиналното идејно решение. Деновиве започнаа подготвителните работи за менување на надворешниот лик на објектот „Интекс“, кој се наоѓа во непосредна близина на плоштадот „ВМРО“. На терен се монтираат скелиња, по што ќе следува и промена на надворешниот лик на деловниот комплекс во кој се сместени неколку фирми.

 

 

 

И додека на терен градежниците си ја вршат својата работа, архитектите реагираат како е можно живите автори на овој објект да не бидат исконтактирани пред да се започне планираниот градежен зафат. Трајко Димитров, кој е автор на објектот „Палома Бјанка“ и на дел од објектот на „Интекс“, вели дека никој го нема прашано дали дава согласност за менување на надворешниот лик на ова здание во центарот на Скопје. „Немаат ниту еден валиден документ од мене како автор“, посочува архитект Трајко Димитров. Тој истакнува дека менувањето на фасадата на „Интекс“ претставува обезличување на неговиот објект.

 

Архитектот Трајко Димитров реагира дека со зафатот се врши уништување на единствената архитектонска целина на објектот „Палома Бјанка“ и на дел од објектот на „Интекс“, за кои тој кон крајот на 80-те години на минатиот век ја добил задачата за да ја изработи архитектонската творба. И покрај тоа што објектот со децении претставува интегрална архитектонска целина, Градот Скопје сега го поделил на два различни дела. За објектот „Палома Бјанка“ е изготвено „барокно“ идејно решение од Миодраг Никитовиќ, додека за парцелата 4.5.8. на „Интекс“ е изготвено идејно решение од авторите Никола Стакинов и Лазар Димов.

 

*Архитектонската творба на Трајко Димитров како единствена целина во просторот

 

 

Но, приказната за менувањето на фасадите околу плоштадот „ВМРО“ не завршува тука. Заедно со распарчувањето на архитектонската творба на Трајко Димитров на два дела, од Градот Скопје како инвеститор се одлучиле целокупната парцела 4.5.8. да ја преоблечат во „барокна“ фасада со едно идејно решение. Нов проблем се јавува со фактот што фирмите од оваа градежна парцела се сместени во два различни објекти од различни автори, кои се градени во различни временски периоди. Поголем дел од целокупниот деловен простор на „Интекс“ е сместен во соседниот споен објект проектиран од авторката Вера Ќосевска, која е жива и веќе јавно изрази негодување за менувањето на автентичниот лик на објектот на Министерството за правда.

 

На ваквиот скандал, Градот Скопје како инвеститор дава свое објаснување. „Градот Скопје го издава одобрението за градба согласност Законот за градење, а не според Законот за авторски права. Согласно Законот за градење, Советот на Град Скопје го утврдува изгледот на фасадата и одобрението за градење се издава врз основа на оваа одлука“, информираат од Град Скопје. Тие посочуваат дека основниот проект за реконструкција на фасадата на објектот „Интекс“ го изработила фирмата Матески ЉМ Дооел од Кичево. Финансирањето на претстојниот градежен зафат ќе се одвива со финансиски средства обезбедени од градскиот буџет.

 

Од општина Центар појаснуваат дека немаат никакви ингеренции во однос на преслекувањето на овие објекти во замисленото „барокно“ руво. „И иако ова е на територија на општина Центар со измените во Законот за градење и овие фасади преминаа во надлежност на градот за да можат да стават „барокни“ фасади. За овие фасади одлуки носи Советот на Град Скопје“ вели Катерина Цаневска Арсовска од општина Центар.

 

Промената на фасадата на овие објекти во центарот на Скопје претставува „удар од зад грб“ на архитект Трајко Димитров како еден од најпознатите домашни автори. Како припадник на првата генерација на архитекти запишана на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје, Трајко Димитров реализирал значајни авторски дела, вклучувајќи ја старата зграда на аеродромот „Александар Велики“, Зоолошката градина во Скопје, Природнонаучниот музеј, универзалните спортски сали во Прилеп и во Куманово, базенот „Младост“ во Скопје и административно-деловниот комплекс „Палома Бјанка“.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk