Претходна статија
Утре се отвора изложбата „Скопје 1963 - пред и потоа“
Следна статија
Сарај го нуди јавното осветлување под концесија

„Скопје 2014“ досега проголтал над 560 милиони евра јавни пари

Објавено на 26.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На проектот „Скопје 2014“ досега се потрошени над 560 милиони евра покажува истражувањето на БИРН, претставено преку базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ и официјалната документација. Огромните финансиски средства издвоени за целосно менување на изгледот на централното градско подрачје не се финални, ако се земе во предвид дека допрва треба да се градат барем уште три големи проекти – новиот објект на Народна банка и зданието на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор кај Македонската опера и балет, но и Спомен – обележјето посветено на Мајка Тереза на плоштад „Македонија“. Колку за споредба, првичното владино ветување беше дека за проектот „Скопје 2014“ ќе се потрошат 80 милиони евра.

 

 

 

Истражувањето на БИРН покажува дека првично најавените четириесетина споменици и објекти се „надградени и проширени“ до бројката од преку 130 споменични обележја и згради во строгиот центар. Истражувачкиот процес за собирање, обработка и анализа на информациите траел повеќе од осум месеци, а притоа се користени податоци добиени според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од веб-страницата за јавни набавки, ревизорскиот извештај за „Скопје 2014“ и од отчетот на Владата, општина Центар, Град Скопје, како и неколку општини и акционерски друштва со државен капитал.

 

 

 

Според објавените податоци на БИРН, во реализацијата на проектот „Скопје 2014“ учествувале повеќе од 260 правни и физички лица. Некои од нив добивале повеќе тендери за изведба на објекти, споменици, плоштади и фонтани, при што авторите редовно биле наградувани за нивните идејни решенија, кои се изработени во самонаречените архитектонски стилови од авторите и власта како „барок“, „класицизам“ и „неокласицизам“. Деталната истрага на БИРН вели дека најмногу финансии биле потрошени за објектот на Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј, кој чинел над 42 милиони евра.

 

 

 

Во денеска објавените податоци на БИРН не се пресметани дополнителните трошоци на приватните инвеститори, кои во централното градско подрачје вложуваат сопствени финансиски средства за издигнување на објекти што ги следат т.н. „архитектонски“ стилови на проектот „Скопје 2014“. Дел од нив се хотелите што во моментов се градат на плоштадот „Македонија“, дел од објектите кои што во иднина треба да се подигнат под Скопското кале, но и контроверзната реконструкција и надградба на Градскиот трговски центар.

 

 

 

Покрај енормните финансиски средства потрошени за менување на изгледот на исклучително мала површина во главниот град, „Скопје 2014“ досега не беше валоризиран како архитектонска вредност од домашната и меѓународната јавност. Ниеден објект сите овие изминати години нема добиено некоја од домашните архитектонски награди, а признанија за „дострелите“ на проектот не пристигнуваат ниту од стручната фела надвор од нашата земја.

 

 

» Форумска дискусија за „Скопје 2014“

 

 

 

Бојан Блажевски