Уште еден успешен настан на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Околу 1.000 граѓани на главниот град се собраа вчера вечер пред Градскиот трговски центар за да се спротивстават на намерата за менување на неговиот изглед во стилот на „Скопје 2014“. И покрај снежните врнежи и ниските температури, присутните оформија жив ѕид околу целиот објект и гласно порачаа дека се против „барокизацијата“ на градителскиот симбол на Скопје. Пред насобраните граѓани се обратија неколку македонски интелектуалци, а меѓу нив беше и Аљоша Поповски, син на починатиот архитект Живко Поповски – автор на изворното решение за ГТЦ.
Аљоша Поповски го објасни своето спротивставување на идејата за уништување на архитектонската творба на својот татко. Тој напомена дека идејата за Градскиот трговски центар е базирана на западноевропските архитектонски вредности. „Тој работеше во Холандија и одеше по многу други европски центри и инспирацијата ја црпеше од еден трговски во Ротердам, од друг во Брисел“, истакна во своето обраќање Аљоша Поповски. Асоцијацијата на архитекти на Македонија уште еднаш се изјасни против најавената „барокизација“ на ГТЦ, повикувајќи ја власта уште еднаш да размисли за својата идеја.
Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ истакнуваат дека досега се собрани околу 10.000 потписи за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар. Тие велат дека се подготвени да го одбранат ГТЦ, дури и во оној момент кога ќе започне градежната интервенција.