Ставени се во функција електронските информативни табли за јавниот превоз во Скопје, кои беа поставени кон крајот на минатата година. На нив граѓаните ќе може да се информираат за времето на пристигнување на автобусите. Системот функционира со помош на GPS уреди со кои се следи движењето на возилата и остварувањето на возниот ред. Во моментов вакви уреди се вградени во 30 автобуси на ЈСП и информациите на дисплеите се достапни само за линиите број 2 и 5.
Засега се поставени 10 информативни дисплеи на 7 станици. Со по една табла се опфатени постојките кај маркетот на „Тинекс“ во Ѓорче Петров, кај ТЦ „Лептокарија“, кај Народната банка и кај ТЦ „Бисер“, а со по две, односно обострано, постојките кај пазарчето „Буњаковец“, на „Рекорд“ и кај Бит-Пазар. Нив ги постави фирмата „ГеоНет“, а на дисплеите освен времето на пристигнување на автобусите се прикажува и моменталното време, датум, како и температурата. Во наредните три години се планира да се постават уште 90 вакви електронски информативни табли на автобуските постојки низ градот.