Канадската компанија „Екосајн Маунтин Ризорт Планерс“ (Ecosign Mountain Resort Planners Ltd.) и хрватски „Хорват и Хорват консалтинг“ (Horwath & Horwath Consulting) завршија со изработката на физибилити студијата за изградба на скијачки центар на Галичица. Во документот се предлага зимско – рекреативниот центар да се изгради на локацијата над автокампот „Градиште“. Предвидено е да се гради ски – лифт што ќе поаѓа од оваа локација, но и изведба на скијачки патеки во должина од 15 километри. Физибилити студијата покажа дека е изводлива изградба на скијачкиот центар на оваа планина во близина на Охрид, за кој треба да биде изготвен и основниот проект најдоцна до април годинава.
Проектот би требало да се реализира по пат на концесија, со избор на приватен инвеститор што ќе го гради скијачкиот центар и ќе управува со него во одреден период. Во наредните неколку денови ќе биде објавен оглас за пројавување интерес од приватните компании за влегување во овој бизнис. Откако ќе се испита интересот на домашните и странските инвеститори, тендерот за пронаоѓање на концесионер за изградба на зимско – рекреативниот центар ќе се објави во втората половина од оваа година. Државната компанија МЕПСО го потпиша договорот со двете консултантски куќи за изработка на физибилити студијата кон крајот на 2012 година.