Догодина Штип ќе добие рекреативна велосипедска патека со должина од 4.712 метри. Локалната самоуправа ја избра фирмата „Ве-Група“ од Радовиш за изведба на патеката која ќе се протега покрај реката Брегалница, на потегот од населбата 8-ми Ноември во правец кон селото Караорман. Општина Штип за овој проект од буџетската каса одвои 12.218.456 денари (200 илјади евра). Штип е еден од македонските градови што немаат развиено мрежа на велосипедски патеки. Градските власти велат дека причината лежи во конфигурацијата на теренот на која е лоциран градот. Токму од тие причини, рекреативната велосипедска патека се гради надвор од централното градско подрачје. Општината го најави остварувањето на овој проект на почетокот од годинава, а тендерот беше објавен кон крајот на март годинава.