Претходна статија
Доаѓа светло за темните тунели на македонските патишта
Следна статија
Зголемен бројот на предвидени станови за градење во декември 2015

Шест месеци ќе се работи на проектот за инфраструктура за новиот Клинички центар во Скопје

Објавено на 09.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за здравство ја реализира постапката за докомплетирање на проектната документација за Новиот клинички блок во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од Скопје. Битолската фирма „ИНТ ГЛОБАЛ ИНЖЕНЕРИНГ АВ“ ќе го изготви проектот за инфраструктура, инфраструктурни објекти, партерно и хортикултурно уредување на најзначајниот здравствен комплекс во земјава. Неопходната документација ќе се изработи во период од шест месеци, за што од буџетот на надлежното министерство се обезбедени средства во износ од 9.440.000 денари (околу 150.000 евра). И покрај најновиот потег на извршната власт, изградбата на новиот Клинички центар и понатаму стои во делот на оформувањето на проектната документација.

 

 

 

Од надлежното министерство треба допрва да соопштат дали е избран најповолен понудувач, или пак, повторно ќе се оди на тендер за подготовка на проектната документација за рушење на постојните објекти, за дислокација на сегашните инсталации и за изведба на инсталации за напојување на објекти во периодот на градба. Идејното решение за новиот Клинички центар беше изработено од италијанската компанија „Арен С.Р.Л“.

 

Од новиот Клинички центар „Мајка Тереза“ на терен во моментов е сработено единствено делумното рушење на дел од постојните објекти. Комплексот вреден 70 милиони евра е планирано да се протега на површина од 61.500 метри квадратни. Во зградата ќе се сместат сите клинички болници, со исклучок на Клиниката за инфективни болести, Клиниката за детски болести, Стоматолошката клиника и Клиниката за максилофацијална хирургија, кои ќе останат во сегашните објекти. Пред неколку години, македонската влада вети дека Новиот клинички блок во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе биде изграден до крајот на 2017 година.