Претходна статија
Нови спортски сали за три основни училишта во земјава
Следна статија
Работниците бесплатно можат да се стекнат со сертификати за енергетска ефикасност

Септември носи намален број на предвидени станови за градење

Објавено на 09.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По тримесечен значителен пораст на бројката на станови што допрва треба да се градат, македонскиот пазар на недвижности стагнирал во деветтиот месец од годинава. Според денешниот извештај на Државниот завод за статистика, во септември 2015 година биле издадени одобренија за градење на 376 нови станови, со вкупна корисна површина од 35.189 метри квадратни. Споредено со идентичниот период лани, бројката на предвидени станови за градење е намалена за 16,1%, додека вкупната површина на идните живеалишта е опадната за 8,6%.

 

 

 

Физичките лица отпочнале постапка за изградба на 256 нови станбени единици што ќе се простираат на 28.081 метри квадратни. Преостанатите куќи и колективни згради за домување ќе ги издигнуваат деловните субјекти. Како и во текот на изминатите неколку години, најголем интерес постои за изградба на трисобни (136) и двособни станови (97). Скопскиот регион со 148 предвидени станови за градење предничи во интересот на инвеститорите за вложување во овој сектор на недвижности. Погледнато по локални самоуправи, во деветтиот месец од годинава најмногу станови било планирано да се градат во Општина Кисела Вода – 48, а по неа следуваат Општина Центар со 43 и Општина Куманово со 42 планирани станови за градење.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2015 година се издадени 316 одобренија за градење, што е за 19,7% повеќе во однос на истиот период од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 4.182.150 илјади денари, односно за 6,2% повеќе во споредба со септември 2014 година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 186 (58,9%) се наменети за објекти од високоградба, 50 (15,8%) за објекти од нискоградба и 80 (25,3%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 316 зданија, кај 189 (59,8%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека кај 127 (40,2%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk