Претходна статија
Отворен македонскиот павилјон на Биеналето на архитектурата во Венеција
Следна статија
830 илјади евра за реконструкција на сообраќајници во Тетово

Се зголемил бројот на предвидени станови за градење во април

Објавено на 09.06.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонскиот градежен сектор не се откажува од зголемување на бројот на станови што би се граделе во претстојниот период. Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на април 2014 година се издадени одобренија за градење на 422 стана со вкупна корисна површина од 36.734 метри квадратни. Во споредба со април 2013 година, забележан е пораст на предвидените станови за градење од 7,9%, но и на нивната корисна површина за дополнителни 5,5%. Притоа, деловните субјекти се одлучиле да ја започнат постапката за изведба на 287 станови со површина од 18.137 метри квадратни, додека останатите ќе се градат во индивидуална режија.

 

 

 

Инвеститорите во овој вид недвижности и во текот на април 2014 година го насочиле својот интерес кон изградба на двособни и на трисобни станови. Предвидено е да се градат 176 живеалишта со две соби, додека бројката на трисобни предвидени станови за градење изнесува 106. Најмногу предвидени станови за градење се забележани во скопскиот (173), североисточниот (152) и полошкиот регион (27). Истовремено, општините Куманово (150), Аеродром (100) и скопски Центар (32) предничат во однос на издадените одобренија за градење на нови станбени живеалишта.

 

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во четвртиот месец од 2014 година се издадени 205 одобренија за градење, што е за 14,9% помалку во однос на истиот период од минатата година. Предвидената вредност на објектите изнесува 12.548.297.000 денари (204 милиони евра), што претставува зголемување од 353,1%. Зголемената предвидена вредност се должи на изградбата останатите делници од двата нови автопати. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 130 (63,4%) се наменети за изградба на објекти од високоградба, 37 (18,1%) за објекти од нискоградба и 38 (18,5%) за објекти за реконструкција.