Претходна статија
За РЕК Битола обезбеден јаглен за наредните три децении
Следна статија
Новите објекти во студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе бидат завршени до октомври

Се реконструира влезот во Битола од правецот на Ресен

Објавено на 22.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Битола ја заврши првата фаза од санацијата на улицата Довлеџик, која воедно претставува и влез во градот од магистралниот пат М5 од насоката на Ресен. Со овој проект се поставија подземни инсталации и ново улично осветлување, се изведе атмосферска и фекална канализација, а стариот асфалт се замени со нов во должина од 700 метри. Со зафатот се изградија пешачки патеки од двете страни на коловозот и велосипедска патека од левата страна. Во текот на минатата година се изврши санација на сообраќајницата на потегот од бензинската пумпа „Лукоил“ до пресекот со патниот правец за Пелистер.

 

За реализација на оваа фаза од санацијата на улицата Довлеџик, која претставува една од најзначајните и најдолгите сообраќајници во градот, се одвоија 44,5 милиони денари од буџетот на локалната самоуправа. Градежните активности на терен ги изведе претпријатието „Нискоградба“ од Битола. Во наредната фаза се очекува нејзино комплетно завршување со што во целост ќе се модернизира и влезот во Битола од насоката на Ресен. Од општината најавуваат дека во претстојниот период ќе следи реконструкција на 7 до 9 поголеми улици во градот, но и изградба на два кружни тека. Градежните активности ќе ги извршува компанијата „Гранит“ од Скопје, на која ќе и се исплатат 78 милиони денари.

 

 

» Форумска дискусија за сообраќајот во Битола