Министерството за транспорт и врски нуди на продажба градежно земјиште за изградба на две станбени згради во близина на средното хемиско училиште и облакодерите „Џеваир“ во општина Аеродром. Се работи за две парцели со површина од 1.461 и 1.598 метри квадратни, на кои може да се подигнат објекти со максимална висина од 23,2 метри (приземје, шест ката и поткровје) и со максимална бруто површина од по 4.480 метри квадратни. Заинтересираните инвеститори треба да уплатат депозит за учество на електронската лицитација во висина од 700.000 денари, а заедно со пријавата треба да приложат и банкарска гаранција во износ од 20.000 евра. Почетната цена за обете парцели изнесува 4.300 денари за метар квадратен.
Пријавите за учество треба да се достават најдоцна до 10 јули, а наддавањето ќе се одржи на 17 јули. Најповолниоте понудувачи ќе треба да ги обезбедат градежните дозволи во рок од девет месеци и да ги изградат станбените објекти за најмногу шест години од денот на нивното добивање. Општина Аеродром во последните неколку години предничи според бројот на новоизградени станови во однос на останатите општини од земјава.