Локалната самоуправа од Гевгелија објави оглас за продажба на градежна парцела со површина од 16.604 метри квадратни во близина на граничниот премин „Богородица“. На земјиштето е предвиден објект со приземје и десет ката, чија максимална висина би изнесувала 37 метри. Почетната цена на оваа градежна парцела изнесува 223 денари за метар квадратен, а заинтересираните треба да уплатат депозит за учество на електронското јавно наддавање во износ од 358.227 денари и да достават пријава најдоцна до 22 август. Потенцијалниот купувач на атрактивната парцела ќе биде познат на 26 август.
Покрај ова земјиште, Општина Гевгелија нуди на продажба и парцела со површина од 683 метри квадратни за изградба на станбена зграда, која се наоѓа зад објектот на Стопанска банка во центарот на градот. Почетната цена е 2.570 денари за метар квадратен. Во поранешната касарна во градот се понудени на продажба четири локации за изградба на индивидуални куќи, кои е предвидено да се отуѓат по почетна цена од 1.003 денари за метар квадратен. Во огласот се нудат и три парцели со површина од 20.600, 12.467 и 11.050 метри квадратни за изведба на стоваришта во близина на Негорци, на местото предвидено за Агроберза. Електронската лицитација за сите локации ќе се одржи на 26 август.