Со почетна цена од 13.000 денари за метар квадратен, Министерството за транспорт и врски на лицитација нуди парцела од 604 квадрати во Општина Центар, на аголот помеѓу булеварите Партизански одреди и Св. Климент Охридски. Со Деталниот урбанистички план „Дебар Маало 2“ таму е предвиден станбен објект со деловни и комерцијални содржини. Дозволена е изградба на приземје, седум ката и поткровје, со височина до венец од 26 метри. Површината за градење е 582 метри квадратни, додека максималната бруто развиена површина изнесува 6.581 метар квадратен. Инвеститорот е обврзан фасадното обликување да го изведе во рамки на стиловите : барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам. За оваа цел Министерството ќе оформи специјална комисија која ќе треба да го одобри идејниот проект. Пријавите за учество може да се доставуваат до 10.08.2010, а јавното наддавање ќе се одржи на 18.08.2010.