Идејниот архитектонско – урбанистички проект за заштитениот дел од Студенчишко блато веќе е изработен. Во конкуренција на два доставени архитектонски труда, општина Охрид се одлучила да додели две втори награди во висина од 20.000 денари. Едното идејно решение за овој неодделив сегмент на Охридското езеро е на авторите Ана Кафтаноска и Марио Баткоски, а со втора награда на Конкурсот се стекна и заедничкиот труд на Бекир Адеми, Амине Адеми и Аурора Саиди. Што точно ќе се прави со Студенчишко блато во иднина останува голема непознаница, иако Конкурсот за избор на идејно решение беше распишан од општина Охрид во јули минатата година.
Од информациите што досега се публикуваа во јавност, на просторот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“ ќе се наредат серија од разновидни објекти, за кои е прашање како ќе влијаат врз присутниот биодиверзитет во Студенчишкото блато. На овој простор треба да се гради нова луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани, меѓусебно поврзани со систем од канали и езерца. Долж самото крајбрежје на Охридското езеро, треба да никне долгонајавуваната марина во градот, но и нова плажа со должина од 700 метри. Во изготвувањето на проектната документација за овие градби учествуваат општина Охрид и Министерството за транспорт и врски.
Вкупната површина на Студенчишкото блато изнесува околу 25 хектари. За овој заштитен еколошки простор во јануари 2012 година е изготвена студија за негова ревитализација од Друштвото за еколошки консалтинг „ДЕКОНС – ЕМА“, во соработка со професори од Институтот за биологија во Скопје, Хидробиолошкиот завод, еколози и самостојни експерти. Во документот се нагласува дека уништувањето на Студенчишкото блато претставува опасност и за Охридското езеро, кое пак е заштитено од страна на УНЕСКО.
Според неодамна објавената интернет – анкета на информативниот портал „Охрид Њуз“, локалните жители гледаат со голема резерва кон идејата за изградба на објекти во Студенчишко блато. Дури 55% од граѓаните, или 1.605 лица што гласале на анкетата, сметаат дека е голема грешка градењето марина на местото на Студенчишко блато, додека 702 граѓани, или 24% од вкупниот број лица што се вклучиле во анкетата, мислат дека темата бара повеќе информации, анализи и слично.
Текст, фото: Бојан Блажевски