Ќе се реконструира и дополнително ќе се регулира минор и мајор коритото на реката Вардар, на потегот од вливот на реката Лепенец до мостот на булеварот „8 Септември“ кај хотелот „Александар палас“. Во функција на остварување на проектот, Градот Скопје денеска распиша оглас за пронаоѓање компанија што ќе го подготви основниот проект, со вклучена ревизија на проектот. Со реализација на овој зафат во целост ќе се санира овој дел од Кејот на реката Вардар, кој потпаѓа под територијата на општина Карпош.
За комплетирање на проектната документација е предвидено да се издвојат финансиски средства во висина од 1,5 милиони денари, без вклучен ДДВ. Градот Скопје најпрво ќе го избере субјектот што ќе го изготви основниот проект, а по нејзината изработка ќе пристапи кон следните фази на реализација. Јавното отворање на пристигнатите понуди од компаниите е закажано за 1 јуни.
Кејот, на потегот од зградата на телевизија „Канал 5“ до хотелот „Александар палас“, веќе неколку години е функционален со изведбата на пешачката и на велосипедската патека во мајор коритото од десната страна на реката Вардар.
Бојан Блажевски