Претходна статија
Класицистичката фасада на МЕПСО ќе чини над 10,5 милиони евра
Следна статија
8 милиони евра за реконструкција на објектот на Албанскиот театар

Се крчка реализацијата на туристичкиот комплекс во Љубаништа

Објавено на 10.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По пренамената на земјоделското во градежно земјиште и комплетирањето на урбанистичко – планската документација во текот на минатата година, во просториите на општина Охрид беше спроведена и презентацијата на изготвената студија за влијанието врз животната средина од туристичката развојна зона „Љубаништа 1“. Како изработувач на студијата, консултантската куќа „Енвиро ресурси“ заклучува дека изградбата на туристички објекти се прифатливи на теренот во близина на селото Љубаништа, но притоа мора да се внимава на заштита на животната средина. Документот се однесува на земјиште со површина од 28,6 хектари, на кое индискиот милијардер Субрата Рој сака да гради огромен туристички комплекс.

 

И покрај ваквиот став на консултантската куќа, официјалниот претставник на Албанија на денешната презентација на документот изјави дека остварувањето на милионскиот проект може да ја загрози иницијативата за прогласување на регионот Охрид – Преспа за биосферен резерват под заштита на УНЕСКО. „Не може да добиеме статус на биосферен резерват ако ги немаме овие елементи за заштита“, изјави Аријан Мероли, албански претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро. Причината за ваквата реакција на албанската страна лежи во податокот што дел од туристичката развојна зона навлегува во Националниот парк „Галичица“.

 

Со дефинитивен став за градителскиот проект во најава наскоро треба да излезе и УНЕСКО, бидејќи дел од градбите е предвидено да се градат во водите на Охридското езеро, кое е ставено на листата на заштита на оваа меѓународна организација. Инаку по изготвувањето на целокупната документација, следната фаза од постапката вклучува определување на начинот на кој индискиот милијардер ќе се стекне со градежното земјиште, огромен простор кој делумно е во сопственост на жителите на селото Љубаништа и на МПЦ.