Претходна статија
Битола не се откажува од изградба на покриен олимписки базен
Следна статија
„Плоштад Слобода“ бара измени во ДУП „Мал Ринг“ за заштита на зелените површини

Се изедначи бројот на патници што користат авион и воз во земјава

Објавено на 31.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Драстичен пад на бројот на патници во железничкиот патнички сообраќај, стабилен раст на авиосообраќајот во првиот квартал од 2013 година. Според извештајот на Државниот завод за статистика, во периодот јануари – март 2013 година со авион патувале 191.957, со воз 197.000, додека со автобус биле превезени 3.679.000 патници. Најголем пад на бројот на патници од 31,6% е забележан кај железницата, додека во авиосообраќајот е регистрирано најголемо зголемување од 12,8% во споредба со првите три месеци од 2012 година. Стабилен раст од 3% е забележан и кај патниот патнички превоз. Во градско – приградскиот превоз во првиот квартал од оваа година се превезени 16.660.000 патници, што претставува намалување од 3,3% во споредба со истиот период лани.

 

Позитивни резултати се забележани во транспортот на стоки на почетокот од годинава. Со камионски транспорт се превезени 7.752.000 тони стока или за 47,9% повеќе во споредба со првиот квартал од 2012 година. Во извештајниот период во воздухопловниот превоз се транспортирани 543.000 тони стока, што претставува зголемување од 20,7% во споредба со идентичниот период лани. Единствено намалување кај товарниот сообраќај е забележано во делот на железницата. Со воз во првите три месеци од 2013 година се превезени 583.000 тони стока, односно за 4,9% помалку во однос на истиот период од минатата година.