Претходна статија
Градежните раководители со позитивни оценки за работењето во второто тримесечје од 2012 година
Следна статија
ЕБРД во потрага по консултант за проектна и тендерска документација за пругата од Бељаковце до Крива Паланка

Се бара изведувач за административниот објект спроти хотелот „Бристол“

Објавено на 04.08.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Службата за општи и заеднички работи на Владата објави оглас за избор на градежна фирма што ќе ги изведува градежните и градежно – занаетчиските работи за изградба на административната зграда спроти хотелот „Бристол“ во строгиот центар на Скопје [»мапа]. „Неимар инженеринг“ веќе го изработи главниот проект врз основа на победничкото идејно решение на архитектите Никола Стакинов, Лазар Димов и Живка Христова. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 18 септември. Предвидено е објектот во кој ќе се сместат Централниот регистар, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија, Регулаторната комисија за енергетика, М-НАВ, АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката и Фондот за осигурување на депозити да се изгради во период од 18 месеци од денот на потпишувањето на договорот.

 

#Паркот каде што ќе се гради објектот

 

 

Засега е непознато кога ќе отпочнат градежните активности на терен, иако директорот на владината служба Васе Доневски пред речиси пет месеци изјави дека истите треба да стартуваат во текот на јуни или јули годинава. Зградата во која ќе се сместат државните институции е зацртано да се гради на парцела со големина од 1.069 метри квадратни и да има приземје, осум ката и поткровје, со вкупна висина од 29 метри и бруто развиена површина од 9.035 метри квадратни. Зданието ќе биде во неокласицистички архитектонски стил. Во неговата непосредна близина е планирано да се изгради новиот деловен објект на ЕЛЕМ и катната гаража во барокен стил која ќе ја гради компанијата „Никофон“.