Од СДСМ се задоволни со вчерашната одлука на Уставниот суд да поведе постапка за испитување на уставноста на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Саша Богдановиќ, претседател на ОО СДСМ Центар, денеска побара од Уставниот суд да донесе конечна одлука со која целосно ќе ја укине владината одлука за прогласување на Македонската опера и балет, Градскиот трговски центар и Народно-универзитетската библиотека за објекти од посебен интерес. Од СДСМ го поздравија донесувањето на времената мерка, со која привремено се забранува примената на овој член од законот до конечната одлука на уставните судии.
„Со одлуката се запира менувањето на изгледот на ГТЦ, но се запира и самоволието на власта во заминување која ги узурпираше ингеренциите на општина Центар и сакаше да стави барок на ГТЦ исклучиво за лични криминални интереси“ изјави Саша Богдановиќ од СДСМ. Тој потсети дека социјалдемократите преку Советот на општина Центар веќе поништија четири урбанистички планови за центарот на Скопје, вклучувајќи го и оној за „Мал Ринг“. Богдановиќ посочи дека потезите се во согласност со граѓанските иницијативи и за поддршка на граѓаните.