Претходна статија
Скијачкиот центар Маврово со подновен пат ќе ја дочека новата сезона
Следна статија
Ред во јавниот превоз со новиот систем за електронска наплата

Саниран дел од Музејот на Македонија, отворена нова поставка

Објавено на 26.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

„Македонците бегалци во Втората светска војна и граѓанската војна во Грција 1940-1949“ е новата постојана поставка во Музејот на Македонија. Поставката се простира на површина од 400 метри квадратни, со која оваа музејска установа развива поинаков концепт на работа, по преместувањето на Археолошкиот музеј во новите простории покрај реката Вардар. Во рамките на поставката се изложени фотографии, документи, оружје, облека, предмети од битов карактер, како и други сведоштва од овој крвав историски период во кој загинале 21.000 лица, а повеќе од 50.000 македонци биле раселени во странство.

 

*Извор на фотографија: Министерство за култура

 

 

„Историјата понекогаш знае да биде исклучително болна и трагична, но никогаш не смее да остане заборавена. На човек може да му се земе детството, да му се сруши куќата, да му се запали селото, но човековата меморија не може со ниту едно средство да се уништи. Таквата меморија поврзана со една болна и тешка историја на дел од нашиот народ денес е поткрепена и со оваа прекрасна музејска поставка“, изјави премиерот Никола Груевски. Постојаната поставка за македонските бегалци во Втората светска војна и граѓанската војна во Грција е збогатена со ликовното решение насловено како „Патека на децата бегалци“, која овозможува посетителите да се навратат низ историските премрежја на протераните семејства, кои изоделе пеш 100 километри од грчко – југословенската граница до Преспа.

 

Во склоп на новата поставка е и приказот на семеен дом, кој ги симболизира влијанијата на настаните и војните врз семејствата, а посетителите на Музејот на Македонија ќе можат да се запознаат со автентични филмски документарни материјали и видео презентација со усни искажувања на учесниците во овие историски настани, како и презентација на играните и документарните филмови од македонската кинематографија кои ја обработуваат оваа тематика.

 

Целокупните активности на изведба на постојаната поставка се одвиваа уште од почетокот на годинава. Во просториите е инсталиран нов систем за климатизација, но и комплетно е саниран дел од изложбениот простор во склоп на објектот на Музејот на Македонија. Културната установа во санациониот зафат вложи 9.634.777 денари.

 

И покрај овој проект, на музејските простории во оваа установа им е неопходна итна реконструкција, додека на поставките за македонската историја и културното наследство, кои се стари неколку децении, им е потребно темелно осовременување. Според најавите на Министерството за култура, во наредниот период треба да се обнови постојаната историска поставка со нови предмети и документи од македонската историја, додека етнолошката поставка ќе претрпи техничко – технолошко осовременување.

 

 

Бојан Блажевски