Министерството за транспорт и врски информира дека унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Виз ер“ е единствената што доставила понуда на неодамнешниот распишан повик за доставување барања за доделување финансиска помош на домашни и странски авиопревозници. Оформената комисија во претстојниот период ќе ја евалуира понудата од „Виз ер“, по што ќе оцени дали поднесената документација одговара со условите и барањата на тендерот.
Доколку се прифати нејзината понуда, оваа авиокомпанија во периодот 2018 – 2021 година би добила субвенции во висина од 312,4 милиони денари за воспоставување на нови летови од скопскиот и од охридскиот аеродром. Владата постави неколку услови до новиот барател на субвенции, меѓу кои се и тој да воспостави база од најмалку еден авион на двата аеродрома најдоцна до 1 декември годинава. До 1 ноември годинава треба да се воспостават најмалку две нови авио линии од „Меѓународниот аеродром Скопје“. Од охридскиот аеродром треба да се воспостават четири нови дестинации во рок од една година по склучувањето на договорот.
Владата планира во наредните години да стави акцент на растот на авиосообраќајот на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, кој би можел во иднина да се промовира како аеродром за нискобуџетни авиокомпании.