Претходна статија
Пет милиони евра за откупен центар на јаболка во Ресен
Следна статија
Наместо автопат, кон Бугарија ќе градиме експресен пат

РЕПОРТАЖА: „Малата Виена“ пулсира крај брегот на реката Бегеј

Објавено на 01.03.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На границата со Србија, на крајниот запад од земјата, сместен е градот Темишвар или како што многумина негови љубители го нарекуваат „малата Виена“. Како ретко кој друг град на Балканот, во историскиот центар на банатскиот регион во Романија се распослани огромни паркови во централното градско подрачје, кои во комбинација со преубавите три градски плоштади го прават местото незаменливо за живеење и престој. Третиот град по големина во Романија денеска е симбол на забрзаниот економски развој на земјата, со мноштво на студенти кои него го подмладуваат и странски туристи кои уживаат во богатото историско и културно наследство.

 

###

 

 

Враќајки се низ историјата, Темишвар е изграден врз некогашната романска тврдина Castrum Regium Themes која датира од 1212 година. Градот е освоен од турската армија во 1558 година, кога станува важна османлиска заедница во регионот. Австријците го освојуваат целиот банатски регион во 1718 година со што започнува нивното двовековно владеење кое има оставено силни траги во денешниот изглед на местото. Во централното градско подрачје се издигнуваат величенствени градби во стилот на австро – унгарската архитектура, со што поприлично се разликува од останатите предели на Романија. Ако го земеме во предвид забележителното присуство на српската, германската и унгарската заедница во градот, тогаш можеме слободно да напоменеме дека станува збор за вистински мултикултурен центар во кој се проткаени многу култури и различни традиции и вредности.

 

###

 

 

Темишвар е познат по различните религиозни објекти што се распослани низ централното подрачје. На јужната страна од Плоштадот на победата (Piata Victoriei) е сместена Романската православна катедрала (Catedrala Ortodoxa Mitropolitana) која е изградена во периодот помеѓу 1936 и 1946 година. Ова огромно здание плени со својот мозаичен покрив, на кој доминираат црвената и зелената боја и зазема централно место на плоштадот заедно со седиштето на тамошната опера. Во барокен стил во срцето на градот се издигнува и Српската православна црква, изградена во период од 1745 до 1748 година, а нејзината зелено – бела боја ги привлекува туристите на плоштадот „Единство“. На источната страна од истиот плоштад е сместена католичката катедрала во преубав барокен стил. Делото на Фишер фон Ерлах е изградено помеѓу 1736 и 1754 година. Во Темишвар се подигнати и три синагоги, од кои една е моментално активна. Големата синагога е особено впечатлива по тоа што претставува една од најголемите објекти од овој тип во Европа.

 

###

 

 

Плоштадот на победата е најголемата пешачка зона во Темишвар. Централна позиција зазема зградата на Операта во Темишвар, конструирана од виенски архитекти и изградена помеѓу 1871 и 1875 година. Веднаш до неа, од левата страна на плоштадот е сместен елегантниот хотел „Темишвар“, најпознатото и најголемо хотелско здание во градот. Од десната страна на плоштадот е сместен Банатскиот музеј, изграден околу дворецот „Huniade“ кој пак води потекло од 14 век. За жал, вредната културна установа е моментално затворена за посетителите поради постојната реконструкција. Од двете страни на плоштадот се простираат занимливи барокни зданија изградени во 18 и 19 век.

 

###

 

 

Посетителите на градот најмногу се воодушевуваат од плоштадот „Единство“. Градбите изградени во времето на Хабзбуршката монархија го привлекуваат вниманието на туристите со бројните барокни зданија со фасади облагородени со светли бои кои го разигруваат целиот простор. Покрај црквите, на плоштадот е сместен и Музејот на уметноста со колекција од вредни творби на европските уметници кои датираат уште од 15 – тиот век. Поголемиот дел од зданијата се реконструирани во последните неколку години, но преостанатите дотраени зданија го покажуваат некогашниот несреден изглед на овие скапоцени објекти. Третиот плоштад кој е вреден да се напомене е Плоштадот на слободата, кој го опкружуваат градби изведени во стилот на сецесионистичката архитектура подигната во периодот на австриското владеење.

 

###

 

 

Темишвар е препознатлив по својот урбан развој, не само на Балканскиот полуостров, туку и во европски рамки. Реката „Бегеј“ во „срцето“ на градот минува низ пет паркови, чија величенствена пространост и зачуваност претставува вистинска реткост за еден европски град. Зелените површини на ова банатско место му ја даваат надалеку познатата тишина и спокој, а чистотијата на улиците и пешачките зони укажува на високото ниво на култура на романскиот народ. Ако на сето ова го додадеме и податокот дека Темишвар е првиот европски град кој во 1889 година добил електрично улично осветлување, тогаш лесно можеме да ги спознаме позитивните карактеристики на неговиот урбан развој.

 

###

 

 

Како трет град по големина во Романија, Темишвар има одлични транспортни врски со останатите поголеми градови. Треба да го потенцираме авионскиот и железничкиот сообраќај како препорачлива варијанта за патување до градот, но и низ целата држава. Романските патишта ја имаат карактеристиката на најлоши во Европската унија, додека меѓуградските автобуси сеуште се поретки од возовите кои сообраќаат на развиената железничка мрежа. Аеродромот во Темишвар е домаќин на неколку нискобуџетни авиокомпании, кои обезбедуваат летови до десетици локации низ цела Европа. Од Железничката станица во Темишвар поаѓаат меѓународни возови за Будимпешта и Белград, а дневно од овој транспортен центар заминуваат преку 120 возови кон сите поголеми романски градови.

 

###

 

 

Денешниот центар на Банатскиот регион има развиен јавен транспорт кој се состои од трамваи, тролејбуси и автобуси. Првиот трамвај на европско тло воден од коњи е пуштен во употреба во Темишвар во 1869 година. Денес низ улиците циркулираат 10 трамвајски, 8 тролејбуски и 20 автобуски линии. Цените за транспорт се симболични и се движат од 15 до 20 денари за еден билет, а ниската цена на јавниот превоз е карактеристика за сите романски градови. Темишвар има модерни тролејбуси и автобуси од европските марки Мерцедес и Шкода, додека трамваите што кружат низ градот се од постар датум.

 

Налудничавите архитектонски идеи на Николае Чаушеску го одминале централното градско јадро на Темишвар. Величенствените зданија го задржале некогашниот стил и надворешен изглед, но затоа пак надвор од стариот дел на градот се издигнуваат огромни станбени згради од комунистичката ера. Како неколкувековен економски центар, Темишвар и денес претставува еден од најразвиените романски градови кој ги има најимотните граѓани според висината на месечната плата. Тоа му овозможило да се изградат бројни ланци на домашни и меѓународни брендови, нови деловни објекти, трговски центри и бројни ресторани. Напливот на туристи овозможил да се изградат неколку хотели од познати светски ланци, но и да се реконструираат познатите сместувачки капацитети на градот. Влезот во Европската унија му овозможи на Темишвар уште позабрзан развој во сите сегменти, па сепак во центарот на градот не може да се спознае никаква градежна експанзија или надградување на постоечките објекти. Идниот паневропски патен и железнички Коридор 4 треба да минува покрај градот, откако ќе се заврши на новиот мост на реката Дунав кај местото Калафат.  Сместен на оддалеченост од околу 600 километри од Скопје и само 150 километри од Белград, Темишвар е град кој вреди да се посети и да се ужива во неговата раскошна убавина.

 

 

Текст и фото: Бојан Блажевски