Претходна статија
Продолжува високата зависност на земјава од увоз на електрична енергија
Следна статија
Катастарот ќе воведе ред на македонскиот пазар на недвижности

Реконструкцијата на македонските затвори никако да започне

Објавено на 23.05.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Доцни реализацијата на ветената санација и надградба на казнено – поправните установи во земјава. Иако уште пред три години беше најавена реконструкција и проширување на КПД „Идризово“, Затворот во Скопје и Воспитно – поправниот дом во Тетово, активностите на терен не се започнати. По неуспешниот прв тендер од почетокот на годинава, Управата за извршување санкции деновиве распиша втора јавна објава за избор на градежна компанија за изградба на објекти во комплексот Воспитно – поправен дом во Тетово. Проблемите со избор на изведувачи на планираните зафати се главен кочничар на проектот. Во публикуваните податоци на Министерството за правда е наведено дека досега се завршени фазите на изработка на архитектонско – урбанистичка документација. Градежните работи за реконструкција на македонските затвори требаше да стартуваат во првата половина од 2011 година. Крајниот рок за целосна реализација на проектот е 2015 година, а потребните финансисии се во висина од 52 милиони евра.

 

Во најновиот тендер за доградба на воспитно – поправниот дом во тетовската општина Брвеница нема промена на бараните изведбени активности што треба да ги заврши најповолниот понудувач. Планирана е изградба на административен блок со површина од 1.560 метри квадратни, одделение со засилен надзор со површина од 640 метри квадратни, отворено одделение со површина од 1.280 метри квадратни, гаражи со работилници, котлара, трафостаница, резервоар за вода, бунари со пумпна станица, целокупна водоснабдителна, фекална, електроснабдителна, телекомуникациска, топловодна и сообраќајна инфраструктура, партерно уредување, игралиште и заштитна ограда. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди најдоцна до 17 јуни. Објектот треба да се предаде во функција во временски период од 24 месеци.