Театарскиот ансамбл на Албанскиот театар ќе се врати во својата матична зграда до 31 октомври годинава. Петгодишниот реконструктивен зафат до тогаш ќе заврши, но за негово довршување ќе бидат потребни уште 100 милиони денари. Министерот за култура Асаф Адеми денеска оствари работна посета на Албанскиот театар во Скопје, каде што изврши увид на активностите за реконструкција, адаптација и санација на ова театарско здание. На средбата со директорот на Албанскиот театар Адем Карага, министерот Адеми најави дека ќе почека некој од ресорот култура да побара ревизија на документацијата за градењето на овој објект.
*Извор на фотографија: Министерство за култура
Реконструкцијата на Албанскиот театар во Старата скопска чаршија досега чинеше над 565 милиони денари. Објектот требаше да биде пуштен во употреба во септември 2015 година, но изведбените работи во континуитет се одложуваа во изминатиов период. Белото театарско здание од 70-тите години на минатиот век во иднина ќе има две театарски сали за одигрување претстави. Со тековниот зафат во целост се менуваат внатрешните инсталации на објектот, се врши ново ентериерно уредување и се поставува најсовремена опрема за одигрување на театарски претстави.