Претходна статија
Изградбата на монтажен објект - решение со многу предности
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Комплетирана карабината на административниот објект спроти „Бристол“

Расте увозот на електрична енергија

Објавено на 25.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Македонските хидроелектрани и термоелектрани не работат со полн капацитет, а за сметка на тоа увезуваме електрична енергија од странство. И во 2014 година продолжил трендот на зголемување на увозот на електрична енергија за задоволување на потребите на Република Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, во изминатите 12 месеци биле увезени 3.074.383 MWh електрична енергија, што е за 23,4% повеќе во споредба со идентичниот период од 2013 година. Истовремено, македонските енергетски капацитети во текот на минатата година извезле за 83,7% повеќе електрична енергија во споредба со периодот јануари – декември 2013 година.

 

Вкупното бруто – производство на македонските енергетски објекти во 2014 година е намалено за дури 11,8% и истото изнесува 5.373.692 мегават часови електрична енергија. Најголемо намалување во работењето од 45,9% е забележано кај комбинираните централи и индустриските енергани, а веднаш по нив следува падот на производството кај хидроелектраните од дури 23,8%. Во 2014 година има намалување на производството на електрична енергија и од термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“, каде со ползување на јагленот се добила електрична енергија за 6,1% помалку во споредба со 2013 година.

 

Финалната потрошувачка на електрична енергија од домаќинствата во текот на минатата година изнесувала 3.045.964 мегават часови електрична енергија, односно за 0,6% помалку во однос на 2013 година. Светлата страна од енергетскиот биланс на земјава е зголемувањето на работата на соларните електрични централи, кои произвеле за 58,9% повеќе електрична енергија во 2014 година. Истовремено, лани за прв пат земјава продуцираше и т.н. зелена енергија од ветерните електрични централи. Од ветропаркот „Богданци“ се добиени 70.387 мегават часови електрична енергија.

 

Државниот завод за статистика објавува податоци од областа на енергетскиот сектор на месечно ниво, додека годишните резултати се сумираат еднаш годишно во месец февруари.

 

 

Бојан Блажевски