Претходна статија
Ќе се работи на студија за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје
Следна статија
Општина Центар ќе се советува околу изградбата на ресторанот „Езерце“

Расте понудата на нови станови во Скопје, опаѓа нивната цена

Објавено на 10.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И во првата половина од 2014 година продолжи растот кај бројот на новоизградени станови во главниот град, кој е следен од намалувањето на цената на овој вид недвижности. Консултантската компанија ФОРТОН Македонија во денеска објавената анализа открива дека во периодот јануари – јуни 2014 година во делот на понудата се регистрирани 3.077 нови станови, при што скопската општина Аеродром учествува со повеќе од 51% од севкупната пазарна понуда. Во идентичниот временски период е забележано снижување на просечната цена на становите за 2,4%, во споредба со втората половина од 2013 година. Од консултантската компанија соопштуваат дека бројот на непродадени станови во првите шест месеци изнесувал 47,1% од завршените станови. Нивните очекувања се дека во периодот јули – декември 2014 година ќе продолжи намалувањето на просечните продажни цени, но со побавно темпо од досегашното. Понатамошен пад на цената на становите ќе има во општините Аеродром, Карпош и Чаир.

 

 

 

 

Од ФОРТОН Македонија истакнуваат дека понудата на малопродажен простор во првите шест месеци од 2014 година бележи благо зголемување, кое се должи на новата резиденцијална понуда, која вклучува малопродажни простори во приземјето. Кај севкупниот неиздаден малопродажен простор е констатирано незначително зголемување. Намалување на неиздадените површини е присутно кај Хипер Веро и Капитол Мол, за сметка на понатамошното зголемување на неиздадениот простор во ГТЦ, проследено со значајно намалување на цените. Непостоењето закупци продолжило да расте во сегментот на малопродажни галерии, најмногу како резултат на натамошниот раст на неиздадениот простор во Соравија. Генералните пазарни закупнини кај малопродажниот простор и понатаму бележат тренд на опаѓање, исто како и во претходните периоди. Тие се движат во границите од околу 40 евра по метар квадратен месечно во трговските центри, додека закупнината на улица „Македонија“ изнесува 30 евра по метар квадратен месечно.

 

 

Заживување на пазарот на недвижности во првата половина од 2014 година е констатирано кај деловниот простор, и тоа првенствено кај канцеларскиот простор од „А класа“. Севкупната ново закупена површина во овој временски период го надмина за два пати вкупно издадениот простор во втората половина од 2013 година. Од ФОРТОН Македонија посочуваат дека ваквиот тренд довел до намалување на слободниот канцелариски простор во Скопје, кој во бизнис центрите од „А класа“ е стабилизиран на 10,3%. Нивните очекувања се дека побарувачката до крајот на годинава ќе продолжи, со што неиздадениот простор на деловни недвижности од највисока класа ќе го достигне нивото од 7,4%. Цените за деловен простор од „А класа“ на премиум локација се движат од 11 до 14,5 евра, додека во внатрешноста на градот тие изнесуваат од 8 до 11 евра. Идентично како и побарувачката, цените на закупнините во овие канцелариски згради ќе бележат раст и во наредниот период.